Соопштенија
Соул-божицата Марта Хај на 29. Златна Бубамара
Омилената манифестација, Златна Бубамара на популарноста, оваа година ги проширува своите музички хоризонти со настапот на една повеќедецениска соул-легенда. Талентирана и интригантна, американската вокалистка Марта Хај (1945) се смета за една од највредните жени во шоу-бизнисот. Респектирана како „соул-божица“ и позната поради 32-годишната соработка со кумот на соулот Џејмс Браун, Марта Хај градеше две кариери – сопствената соло и кариерата на прв придружен вокал на Џејмс Браун.
Прочитај повеќе ↓ Затвори ↑
Настапувала на иконични концерти, кои биле вистинска пресвртница во музиката, од концертот во Бостон Гарден 1968 до серијата европски концерти со Лин Колинс, насловени „James Brown’s Funky Divas Tour“ во 2005.
Од своите почетоци во 1967, кога како членка од групата The Jewels го придружуваше Џејмс Браун, Марта Хај остана негов повеќедецениски придружен вокал следните 32 години, и кога The Jewels се растурија. Во децениите со него, снимаше и самостојни албуми како „Sal Soul“ во 1979, продуциран од Џејмс Браун. Во нејзината кариера е вклучено и создавањето на неколку соул-групи.
Биографијата на Марта Хај објаснува зошто е наречена највредната дама во шоу-бизнисот. Настапувала и со некои од најпознатите музичари, како Литл Ричард, Џери Ли Луис, Темптејшн, Арета Френклин, Пати ЛаБел, Б.Б. Кинг, Мери Џи Блајџ, Стиви Вондер, Принс, Мајкл Џексон, Полис и многу други.
Нејзиниот моќен вокал и денес звучи чудесно и потпишува обемно музичко наследство, во кое освен соул и фанки, има и многу блуз и џез-мелодии.
– Со нетрпение чекам да настапам пред публиката на Македонија – порача Хај пред нејзиниот настап на овогодишната 29. Златна Бубамара на популарноста, на која ќе ѝ биде врачена награда за животно дело. Таа ќе ја изведе култната „I Feel Good“ – во очекување сите во салата Борис Трајковски да се чувствуваат добро во вечерта на 26 февруари.